Суштината на Аикидото како боречка вештина
Аикидо напишано со јапонската „канџи“ азбука. |
Аикидо е боречка вештина развиена од Морихеи Уешиба (1883-1969) во која при справување со агресија или конфликт, нагласена е хармонијата наместо судирот. Што значи ова практично? Дека нашата намера, а следствено и нашето делување во справувањето со агресија (било да е физичка, вербална или било каква друга), не е да заземеме позиција на отпор или спротиставување, туку да се здружиме со насочената енергија на противничката страна, правејќи ја наша сопствена пред да ја поведеме кон разрешување, каде што нејзината енергија и нејзината почетна агресивна намера ќе бидат неутрализирани.
Оттука, аикидото е боречка вештина која ги надминува стандардните боречки исходи „победа или пораз“ во справувањето со одреден напад и нуди поинаков начин за справување со конфликтите.
Овој идеал на преминување од конфликтна ситуација во нејзино хармонично разрешување не е само филозофски предлог. Тој мора да биде изразен преку целото наше битие и да се гледа во нашето дејствување, особено кога сме под притисок, тогаш кога тоа е најважно. Низ физичкиот тренинг учиме постепено да ги напуштаме нашите реактивни и постојани тенденции да се браниме со блокирање и борење, а наместо тоа да се препуштиме на можноста да бидеме отворени и навидум незаштитени, колку тоа и да звучи парадоксално и нелогично отпрво.
Останувајќи така отворени, во подобра позиција сме да ја утврдиме уште поточно фактичноста на ситуацијата, а останувајќи опуштени и ослободени од уплашени и блокирани позиции на телото, во подобра ситуација сме да одговориме со поголема флексибилност и слобода.
Блокираниот став и здрвеноста, едноставно не се толку функционални стратегии за надминување на конфликти како што тоа се отвореноста и флексибилноста.
Во оваа смисла Аикидото е дисциплина каде што на умот и телото се гледа како на нераздвојни аспекти од една целина уште од самиот почеток на тренирањето. Нашите стравови и ментални позиции верно се покажуваат на нашите тела како здрвеност (кочење), губење на рамнотежата и според тоа, како недостаток на слобода. Директното искуство на отпор и борба во процесот на тренирање со нашите партнери јасно ни покажува каде сме заглавени и блокирани и потоа каде треба да биде насочено делувањето за наше ослободување.
Луѓето се родени меки и суптилни.
Мртви, тие се вкочанети и тврди.
Растенијата се родени нежни и свитливи.
Мртви, тие се кршливи и тврди.
Така секој што е здрвен и не флексибилен
е следбеник на смртта.
Кој е мек и попустлив
е следбеник на животот.
Тврдите и крутите ќе бидат скршени.
Ќе опстанат меките и нежните.
Тао те Чинг. Поглавје 76.
Школи и стилови на Аикидо
Основачот на Аикидото Морихеи Уешиба (познат како О Сенсеи и оттука натаму така именуван) ја развил оваа вештина низ многу долго тренирање и разнолики искуства, и следствено, така минувал низ многу фази при неговиот развој и созревање.
Денес гледаме плејада на различни школи за Аикидо низ целиот свет, од многу „тврдо“ физички ориентираните стилови со поголем нагласок на борба до многу „меки“ приоди ориентирани кон здравје и вежба. Ова ги отсликува многуте ученици кои О Сенсеи ги имал во различни периоди во развојот на неговата вештина, кои потоа заминале за да основаат свои школи со свои филозофски интерпретации и различни дидактички приоди. Исто така, ниту една традиција не мирува при предавањето од колено на колено, па така и Аикидото продолжува да се развива и менува, особено кога со толкав жар се шири надвор од културните границите на неговото постанување. Оваа различност на интерпретации и изрази е дел од богатото наследство и потенцијалот на вештината.
Аикикаи Аикидо
Во Македонската Аикидо Федерација ја следиме централната линија претставена од Аикикаи Фондацијата, организација основана од создателот на аикидото. Уште поточно, кај нас аикидото се предава и учи според дидактичкиот систем составен од еден од најпознатите Аикикаи шихани – Масатоми Икеда сенсеи. Овој систем тој го нарекол Саншинкаи (тројадрен систем).
Тој се карактеризира и се разликува од останатите школи и стилови на Аикидо во следниве области:
* Акцент на систематизирани основи и јасно разбирање на причините кои водат до применување на одредена техника.
* Ако нема напад нема потреба од одбрана!
* Вежби со оружје (дрвен меч, стап и нож).